Ал Џезира Балкан – Сараево
Додека стручните веќе подолго време ги истражуваат ефектите на училишните униформи на односите меѓу децата во училиштето, училишниот успеј и другите фактори поврзани со тоа прашање, на нашите простори некои со носталгија, некои со одобрување, а некои со негодување се присетуваат на своето образование во социјализмот во еднолични сини униформи.
Истовремено, од почетокот на второто полугодие на оваа училишна година учениците и наставниците од О.У. Бариловиќ недалеку од Карловац, своите училишни униформи ги носат со гордост.
Екипа која се стреми кон иста цел
Тоа е последно во низата на основните училишта во Хрватска кои воведоа училишна облека. Тие делумни униформи се состојат од сини маици со долги ракави со амблем на општината Бариловиќ. Секој ученик доби две маички, а во план е набавка на уште по две маички со куси ракави и две за физичка и здравствена култура, како и маици со капа за на есен. Униформите за наставничките се состои од сакоа со амблем, додека наставниците добија поло маички со ист амблем.
„Не сме баш во Британија, не сме строго униформирани, туку чисто ете една маица која добро ни служи и како препознатливост на ова училиште. Ние сме сега екипа, тим, заедно сме, помагаме едни на други, не сме различни, исти сме и се стремиме кон иста цел, а тоа треба да биде усвојување на знаења, вештини, таленти… Децата беа на еден математички натпревар во Загреб и убаво се чувствуваат кога се во исти маици, кога се екипа” – вели директорката Весна Цар.
Униформите се бесплатни за родителите, бидејќи ги финансира општината. Замислена е и како облик на помош, вели директорката.
Но, во педагошка смисла намерата е и да придонесат за намалување на последиците од социјалното раслојување, кое веќе долго е предупредувачки, видливо и во училиштата каде со оглед на тоа дека се работи за деца на чувствителна возраст, тоа може да резултира и со негативни појави во односите па и во одредени форми на насилства.
До израз доаѓа тоа што учениците навистина се
„Од таа страна тоа е интересно затоа што сега децата се чувстуваат еднакво, не можат да коментираат – ти имаш скапа маица – некоја најнова мода или хит, туку сега се сите еднакви и секако ми се чини дека дури сега кај нив доаѓа до израз нивното лице, очите, косата, гестовите, токму тоа што се, а до сега во очи паѓаше некоја слика на маиците или нешто друго”.
Иако е чест приговорот на тие што се против училишните уноформи и создавање на еднообразност на учениците познати и од тоталитарните режими, кои како што аргументираат ја нарушува индивидуалноста и различноста, Цар тврди дека во пракса за сега не препознава такви последици.
„Индивидуалноста сигурно не се изразува само преку облеката туку токму преку сите други работи, преку тоа за што е способен ученикот, талентиран, преку неговите интереси”.
Директорката потенцира дека и родителите и учениците се воодушевени од изгледот на облеката која ги прави препознатливи, а задоволството навистина може да се почувствува во одделенијата.
„Не се разликуваме како порано, еднакви сме со боите, никој не се истакнува повеќе по облеката и насочени сме на нешто друго, се гледаме како колеги. Мислам дека тоа е позитивно токму поради таа еднаквост и дека никој не се истакнува според некои не толку важни особини” – вели Јосип од 7-мо одделение.
Насилство поради облеката
„Добро е чувството бидејќи сите сме еднакви и некако се повеќе се прифаќаме во општеството отколку кога не носевме униформи. Порано поинаку се гледавме поради облеката, копиравме итн.”, додава колешка на Јосип од одделението Карла.
Во Хрватска униформите не се пропишани. Педагогот Синиша Опиќ објаснува дека тоа е самостојна иницијатива на некои училишта со цел да се спречи споредувањето на учениците меѓу себе според облеката која ја носат.
„Тоа не би било толку алармантно кога не би имало случаи каде постојат примери на понижување, изолација, избегнување, објава на навредливи содржини на социјалните мрежи, креирање на групи со цел за навреди и понижување и сето тоа од причини што некој не носи скапи брендови. Училиштето како воспитно-образовна институција мора да ги спречи тие облици на неприфатливо однесување кое на жртвите може да остави последици на нивниот психофизички развој, појава на насилничко однесување и слично” – вели Опиќ.
Во општество на неолиберален капитализам вели тој, акцентот е на материјалното и прагматичноста, што се рефлектира и во училиштата. Децата, наведува тој, се изложени на медиумски пораки кои стануваат императив во социјалните односи, а воведувањето на униформите, смета тој, спречува децата да се споредуваат и да градат самопочит врз основ на облеката.
Во дидактичка смисла, истакна тој, живееме во педоцентристичка парадигма која е насочена на детето, неговите права и специфичните потреби, каде училиштето е место за средби и каде се негува плурализам на мислења.
Социоекономски расцеп
„Како демократско општество, излеговме од социоцентристичката дидактичка парадигма која токму ја гушеше индивидуалноста и правата на децата. Но, облекувањето не може да биде основен фактор за израз на индивидуалноста на учениците во училиштата”.
Индивидуалноста во училиштата, вели тој, се развива преку социјална интеракција и односите, па детето чии родители се невработени или имаат ниски примања и не можат да му купат скапа облека, не смее поради тоа да се чувствува поинаку, потиштено или помалку вредно.
„Тој социоекономски расцеп може, т.е. доведува до појава на меѓусебно рангирање, создавање на хиерархиски структури во хетерогена средина, во одделението. Спречувањето на тоа мора да биде воспитно (училишно) нумеро уно, ако во детето на крајот на училишната година бидат всадени погрешни воспитни вредности, пораките на возрасните во општеството, тогаш не сме успеале. Токму таков погрешен систем на вредностите е еден од најголемите предизвици на модерното општество”.
Воведувањето на училишната униформа, вели психологот Силвија Станиќ од Здружението на родителите Чекор по чекор, главно е насочено кон развојот на чувствата на припадност на училиштето, јакнење на заедништвото, но и со цел за намалување на социоекономските разлики меѓу децата, кои можат да дојдат до израз поради облеката која ја носат на училиште.
Важност на учеството, а не на наметнувањето
„На овој начин за сигурно е намалена можноста за изразување на детската индивидуалност преку облеката, но ова е прилика да се прашаме дали сакаме да поттикнеме токму такви начини на изразување на индивидуалноста. Различноста и индивидуалноста на децата се гледа преку бројни карактеристики, вештини и способности, кои во училишната средина треба да добијат поголемо значење од боите на патиките. И секако сметам дека треба исчекор кој ќе ја потенцира индивидуалноста на децата преку нивното изразување и креирање” – вели Станиќ.
Со оглед на приговорите во врска со гушењето на индивидуалноста кај децата, Станиќ смета дека добро решение би било да се најде некој облик на компромис при одлучувањето како децата ќе изгледаат, посебно во училиштата во кои ставовите по тоа прашање се поделени.
„Многу е важно децата да имаат можност да учествуваат во донесување на одлуките. Ако некое правило го доживуваат како наметнато, поголема е веројатноста да не го прифатат. Ако нивното доживување е дека нешто самите го избрале, поголеми се шансите дека и правилото полесно ќе го интернализираат, бидејќи го доживуваат како свој избор”.
Вели дека во западните земји во кои униформите се дел од долга традиција, постојат многу истражувања за поврзаноста на униформата со чувство на припадност, еднаквост, академски успеси и општо за училишната клима, а покажуваат различни резултати, некои не наоѓаат поврзаност, некои опишуваат позитивни ефекти.
Можност за комуникација, соработка и вклученост
„Бидејќи престојот на децата во училиштето е проследен со многу фактори, тешко е некои од нив да се поврзат само со воведување на училишна униформа”.
Во Хрватска, вели тој, на оваа тема дури од неодамна се посветува големо внимание, а јавна расправа, постои само во помала мера и тоа во случај на училишта кои ја разгледуваат можноста за воведување на училишна униформа.
Одлуката за тоа, смета тој, треба да ја донесат училиштата заедно со родителите и децата, бидејќи таквите теми можат да претставуваат прилика за унапредување на комуникацијата и соработка на родителите и училиштата.
„Во училиштата во кои можностите за учество на децата и одлучувањата се многу ниски, оваа тема претставува одлична можност за поттик на активно вклучување во одлуките и идна демократизација на училиштата” – заклучува Станиќ.