Шефот на железничката станица во Лариса кој беше уапсен за несреќата и судирот на двата воза во кој животот го загубија 57 лица, денеска ќе биде изведен пред истражен судија.
Шефот на железничката станица, од засега непознати причини, на двата воза и на патничкиот и на товарниот, им дозволил да го продолжат патувањето кон Солун и Атина, на истата шина, но во спротивна насока, што резултираше со директен судир.
Согласно последните официјални податоци од грчката полиција, заклучно со синоќа, преку ДНК анализи идентификувани се 54 од 57 загинати, додека пак во болниците, хоспитализирани се 38 лица, од кои седум на одделите за интензивна нега.