Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар се состана со американскиот колега Патрик Шанахан во Вашингтон за да разговараат за проблемот со купување од страна на Турција на руските системи С-400 и регионалните случувања поврзани со Сирија.
Според соопштението на турското Министерство за одбрана, Акар и Шанахан разговарале за ситуацијата во Сирија, билатералните односи, регионални безбедносни прашања и соработката во областа на одбранбената индустрија меѓу двете држави.
Акар ги потврдил позициите и очекувањата на Турција по предложената „Зона за безбедност” во Сирија, по договорот за С-400, Ф-35 и последните настани во Источниот Медитеран.
Во соопштението се вели дека Акар ја истакнал важноста на соработката меѓу Турција и САД врз основа на стратешко партнерство, што ќе придонесе за стабилност и безбедност на двете држави.
САД се заканија дека ќе воведат санкции ако Турција го финализира договорот за С-400 со Русија. Анкара неколкупати повтори дека купувањето е веќе завршено и не треба да и бидат наметнати санкции, бидејќи не е противник на САД и ги извршува обврските како сојузник во НАТО.
– Ако дојде до тоа, предложените санкции да бидат наложени од Конгресот, ќе очекуваме претседателот Трамп да ги искористи своите овластувања за вето на тоа прашање, изјави портпарол на претседателот на Турција.
На прашањето дали Трамп дал сигнал дека може да стави вето, тој одговори „не“.
-Не можам да кажам тоа. Тоа е порака, која сакаме да испратиме, вели тој.
Вашингтон ја нарече планираната набавка на руски ракетни системи С-400 од страна на Турција „длабоко проблематична” и истакна дека таа ќе ја компромитира безбедноста на авионите Ф-35 на Локхијд Мартин. Турција одбива да го поништи купувањето и објави дека ќе ја добие испораката на С-400 во јули.
На прашањето што ќе направи Турција ако претседателот Трамп не го искористи своето право на вето, владиниот портпарол истакна дека Анкара ќе мора да почека и да види какви санкции ќе бидат воведени, но се надева дека нема да дојде до нив.
– Заканите и санкциите би биле многу контрапродуктивни, ќе имаат обратен ефект и нема да дадат позитивни резултати, рече тој.