Турскиот истражувачки брод „Орук Реис“ утрово навлегол во грчкиот континентален гребен, движејќи се западно и вон претходно најавениот план, објавија грчките медиуми, кои коментираат дека можеби лошите временски услови се причина бродот да ја смени рутата, јави дописничката на МИА од Атина.
Онлајн изданието на весникот „Катимерини“ пишува дека не се забележани нелегални движења, а турскиот брод е под надзор на грчката фрегата „Никифорос Фокас“, која од островот Карпатос заминува кон делот каде што е „Орук Реис“.
Од кипарската ексклузивна економска зона, каде што и била најавена пловидбата, турскиот брод се придвижил кон грчкиот континентален гребен, а според грчката државна телевизија ЕРТ, сега се наоѓа на 128 наутички милји јужно од грчкиот остров Кастелоризо и 292 наутички милји од Крит.