Турската полиција употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои се обидоа да ја прекршат наредбата за затворање и да влезат во истанбулскиот парк Гези, кој минатиот месец беше центар на протестите против премиерот Реџеп Тајип Ердоган.
Градоначалникот на Истанбул Хусеин Авни Мутлу денеска објави официјално отворање на паркот, кој три недели беше затворен за посетителите. Но, само неколку часови подоцна полицијата повторно го затвори паркот, откако лидери на демонстрантите најавија нов собир за вечерва.
Движењето „Солидарност за Таксим“, кое обединува политички и невладини групи, се спротивстави на најавената реконструкција на паркот од страна на власта. Откако полицијата спречи мал собир на 31 мај, протестите прераснаа во големи митинзи против Владата на Ердоган, кои беа проследени со насилства.