Над 700.000 Турци секоја година за Шенген визи трошат над 50 милиони евра. Визниот режим кој ЕУ го спроведува за државјаните на Турција, покрај финансиските трошоци, предизвикува и низа проблеми во комуникацијата, како што е отежнување на студентите кон пристапување на програмите за размена, оневозможување на турските научници и истражувачи да учествуваат во бројни меѓународни симпозиуми и проекти и друго.
Во годината што изминува, 624.261 турски државјани поднеле барање за Шенген виза, а пет отсто добиле негативен одговор.
Со поднесувањето на барање неопходно е да се уплатат за виза 60 евра плус за дополнителни административни трошоци околу 20 евра, кои не се враќаат во случај на одбивање на барањето за издавање визи.
Доколку на овие бројки се додадат граѓаните кои сакаат да патуваат во Велика Британија, Ирска, Бугарија и Романија, трошоците се многу поголеми.
Според бројот на поднесени барања за Шенген виза во 2011 година, Русите предничат со над пет милиони барања, а зад нив се Украинците, Кинезите, Турците и Белорусите.
Најголем број Турци барале виза за Франција, а статистиката на одобрување на Шенген визи на турските граѓани покажува дека Грција најмногу, а Норвешка и Белгија најтешко ги одобруваат визите.