Турската Влада ќе ги екстрадира Сиријците, кои го нарушуваат јавниот ред во Турција, изјави турскиот вицепремиер Бешир Аталај.
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, досега во Турција се преселиле околу 1,5 милиони Сиријци. Околу 218 илјади од нив живеат во бегалски кампови, а 1,13 милиони се населиле во различни турски окрузи.
Аталај изјави дека најважното решение од седницата на Владата во петокот во однос на проблемите со безбедноста, кои се појавија поради присуството на сириските бегалци во земјата, е тоа за екстрадиција на Сиријците, кои го нарушуваат јавниот ред и мир.
Со оваа одлука, додаде тој, треба да се спречи појавата на тензии меѓу локалните жители и сириските бегалци.
Преземени се и мерки за спречување на социјални проблеми како проституција, питачење и полигамија меѓу бегалците од Сирија.
Согласно одлуката Сиријците кои живеат на улиците треба да бидат сместени во центрите, а за сириските деца да биде овозможено да посетуваат училиште и да го изучуваат турскиот јазик.
Турција првично планираше да прими 250 илјади бегалци, но нивниот број во моментот е значително поголем.