Судирот меѓу патнички воз и товарен воз во вторникот доцна навечер во областа Евангелизам, кај Темпи, се претвори во национална трагедија. Во оваа несреќа загинаа 38 лица, од кои осум тела се пронајдени јагленосани. Во оваа најголема железничка несреќа во Грција, спасени се 130 лица, од кои 66 се задржани на болничко лекување во Лариса, Катерини и Солун.
Грција го доживеа најголемиот шок откако дозна дека меѓу загинатите има многу деца и студенти кои се враќале од Лариса и Атина на Универзитетот во Солун. Меѓу жртвите има и 9 работници во грчките железници.
Она што беше особено загрижувачко за спасувачите е тоа што сите жртви беа извлечени од третиот вагон, додека отстранувањето и потрагата по жртвите од првиот и вториот вагон започна во 9 часот по локално време. Се стравува дека ќе се зголеми бројот на жртви, пренесува ЕРТ.
Во моментот на судирот во патничкиот воз кој сообраќал на релација Атина-Солун имал околу 350 патници. Судирот се случил под околности кои се под истрага, но се чини дека возовите се движеле по иста линија, завршувајќи во директен судир.
Конкретно, луѓе од ОСЕ наведуваат дека електронскиот систем одамна не работи, односно се работи рачно.
Со наредбата на премиерот е прогласена тридневна национална жалост за жртвите од железничката несреќа во Темпи од 1 до 3 март 2023 година, при што знамињата се веат на половина копје на сите јавни згради, а јавните прослави се суспендирани.