Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, останува во преодната влада назначена од претседателот Румен Радев, јави дописникот на МИА од Софија. На церемонијата на смена на тимовите на министерот за одбрана на Бугарија во заминување Драгомир Заков и неговиот наследник Димитар Стојанов, стана јасно дека Генчовска ќе биде во тимот на новиот в.д. министер за одбрана на Бугарија, како заменик министер.
Генчовска двапати беше кандидат за министер за одбрана во владите предложени од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов по победата на изборите на 11 јули минатата година.
Генчовска е експерт за одбрана и вооружени сили, таа дипломирала на Воената академија во Софија, а кариерата ја започна во Генералштабот на бугарската армија, а потоа работеше во Министерството за одбрана каде што стана шеф на одделот „НАТО и ЕУ“. Работела и во военото претставништво на Бугарија во НАТО.Во првиот мандат на претседателот Румен Радев работела во неговата администрација како главен експерт и учествувала во иницијативата „Три мориња“ како дел од Координативната единица за истата.
Извор: МИА