Советот на ЕУ в петок ќе и одреди на Србија датум за почеток на преговорите за членство во Унијата, јави Танјуг повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
„Висок дипломатски извор од влијателна земја-членка на ЕУ“ за Танјуг изјавил дека во заклучоците кои Советот ќе ги донесе в петок во Брисел, ќе биде наведено Србија да ги започне преговорите во јануари следната година, под услов дотогаш да биде имплементирано се што е предвидено со Бриселскиот договор.
Дипломатот нагласил дека оваа одлука се уште не е формална, бидејќи амбасадорите на земјите-членки дури вечерва ќе разговараат за тоа, но во неформалните разговори е практично одлучено преговорите да почнат во првиот месец од следната година и тоа на 14 јануари.
Истиот датум ќе биде одреден и за почеток на преговори за договор за стабилизација и асоцијација со Косово, открива истиот извор.
Дипломатот нагласил дека Европската комисија во декември ќе му поднесе на Советот уште еден извештај за напредокот во спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а дотогаш веќе ќе бидат подготвени преговарачките платформи и скрининзи.
– Тоа значи дека Србија во јануари веќе ќе го отвори првото поглавје од преговорите, тврди европскиот дипломат.