Светски познатиот кинески уметник и дисидент, Аи Веивеи, вчера донел големо бело пијано во кампот за бегалци во Идомени, на македонско – грчката граница. Пијаното било поставено сред калта и на дожд, за младата сириска бегалка да може да свири прв пат после три години јави AFP
Свирејќи на дождот под најлон, 24-годишната Нур Алкзам, која се надева дека ќе му се придружи на својот сопруг во Германија, свирела 20 минути во кампот Идомени, каде околу 12 000 бегалци се заглавени во лоши услови.
„Ова е наш обид да создадеме можност за оваа дама“, изјави Аи на крајот на непланираната изведба.
– Таа е жртва на оваа војна. Немала шанса да допре пијано веќе три години. Таа и нејзиниот сопруг се разделени веќе една и пол година, изјави Веивеи.
Тој додал дека нејзината изведба била многу емотивна и дека тоа покажува дека уметноста ќе ја победи војната.
Аи Веивеи минатиот месец предвреме ја затвори својата изложба во знак на протест против политиката на Данска да не одобрува азил за бегалците. Тој често им се обраќа на европските политичари да ја решат бегалската криза. Веивеи е најпознатиот кинески современ уметник, познат по своите ангажирани ставови. Тој во 2011 година беше во затвор 3 месеци во Пекинг.