Во Турција од почетокот на 2013 година нема повеќе да се емитува серијата „Величествениот султан“ изјави пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) Октај Сарал.
АКП поденесе предлог-закон во турскиот Парламент со кој се бара стопирање и забрана на сериите со кои им се наштетува на националните вредности на Турција и се изнесуваат невистини за важни историски личности.
– Предлог-законот има поддршка и од опозициската Партија за национална акција и очекуваме да биде изгласан во јануари. Потоа главен збор ќе има Националната комисија за радио и телевизија. Мислам дека уште во јануари серијата ќе биде стопирана, истакна Сарал.
Во меѓувреме, турските авиокомпании го поништија договорот со фирмата-продуцент на серијата за бесплатно патување со турските авиони.
Кон крајот на минатиот месец турскиот премиер Таип Реџеп Ердоган изјави дека очекува правосудството да преземе мерки против режисерите на серијата „Величествениот султан“, како и против сопствениците на телевизијата што ја емитува, додавајќи дека „тие што си играат со вредностите треба да добијат лекција во рамките на правото“.
Ердоган критикувајќи ја серијата, што се прикажува во повеќе земји од регионот и светот, истакнувајќи дека тоа што таму е претставено не е правата слика за претците на денешна Турција.
– Ние такви претци немаме. Ние таков законодавец, таков султан Сулејман не сме запознале. Тој 30 години од својот живот помина на коњ, а не во дворецот, како што е прикажано во серијата, посочи Ердоган.