Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави дека договорот меѓу еврозоната и ММФ за преземање низа мерки за намалување на грчкиот јавен долг ќе ја задржи земјата во еврозоната, jaви дописникот на МИА од Атина.
– Одлуката на еврозоната и ММФ е важна затоа што ја задржува Грција во еврото, и дава значајна можност да излезе од рецесијата и презадолженоста и да придонесе во намалување на својот долг, изјави Стурнарас по 12-часовниот состанок.
Тој истакна дека понатамошно намалување на каматите на парите кои и се позајмени на Грција од страна на еврозоната е голем поттик.
– Грција сега е земја која позајмува по многу ниски стапки во споредба со другите земји во еврозоната, рече Стурнарас.
Министерот за финансии додаде дека ова е можност за земјата да го искористи позитивниот ефект и ја истакна важноста од имплементирање на структурните реформи.
Стурнарас му се заблагодари на премиерот Андонис Самарас, велејќи дека неговата одлучност беше од суштинска важност за усвојување на сите неопходни закони на време за состаноците на еврогрупата во изминатите две недели.