Студентите собрани во иницијативата „Студенти во блокада“ им порачаа на граѓаните на Србија да не ги поддржуваат упадите во медиумите и институциите. Тие најавија дека за слободата на медиумите ќе се борат институционално, во Собранието, пренесе Н1.
Студентите објавија дека „ја разбираат еуфоријата, емоциите и потребата, по сè низ што поминавме, конечно да се прослави победата“. Сепак, предупредија дека сега е важно да се задржат достоинството и одговорноста.
„Не поддржуваме упади во медиумите и институциите, ниту повикуваме на такво нешто. Медиумите ќе ги ослободуваме во Собранието, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство“, истакнаа студентите.
„Победата ја извојувавме заедно, да го зачуваме нејзиното достоинство“, заклучија тие.
Пораката на студентите следуваше откако граѓани, незадоволни од долгогодишното известување на медиумите наклонети кон Александар Вучиќ, се собраа пред редакцијата на таблоидот „Информер“.
Неколку демонстранти влегоа во студиото, а главниот уредник Драган Ј. Вучичевиќ за време на програмата во живо ја опиша ситуацијата како „заложничка криза“ и повика полицијата итно да реагира.
Демонстрантите се собраа и пред зградата на телевизијата Пинк, која ја гаѓаа со јајца.
