Стотици пожарникари и спасувачи се собраа денеска на протест пред зградата на бугарската Влада, јави дописникот на МИА од Софија.
Демонстрантите бараат да се издвојат пари од буџетот за да се надоместат заостанатите плати. Синдикатот Огнеборец бара разјаснување доколку во случај на евентуални реформи во МВР на Бугарија противпожарната бригада и телефонскиот број 112 бидат отстранети од Министерството во посебна агенција.
Венцислав Станков, претседател на синдикатот Огнеборец, рече дека зголемената инфлација во последните месеци имала негативен ефект врз куповната моќ на вработените. Затоа, на крајот, оваа инфлација мора барем да се компензира. „Со 63 милијарди лева (32 милијарди евра) расходи во законот за државниот буџет на Бугарија, се сомневам дека можат да се најдат финансиски средства за регулирање на овој проблем.
Демонстрантите изразија желба следната недела да одржат средба со премиерот на Бугарија Кирил Петков.
По протестот, пожарникарите и спасувачите маршираа низ центарот на Софија, а своето незадоволство го изразија и пред Министерството за финансии.
Извор: МИА