На товарен брод со стотици имигранти, кои тргнале кон Европа, му откажал моторот во близина на бреговите на Крит, соопштија грчките власти.
Товарниот брод долг 77 метри, е носен од силен ветер, околу 30 наутички милји југоисточно од Крит, се наведува во сопштението на грчката крајбрежна стража.
Се проценува дека на товарниот брод се наоѓаат меѓу 500 и 700 луѓе, но нивната националност, местото од кое тргнале, како и дестинацијата, засега не се познати.
Во спасувачката операција учествуваат четири трговски брода и една фрегата на грчката морнарица, кои се подготвени, доколку биде потребно, да го евакуираат бродот, а се разгледува опција и за негово одвлекување.
Грција е главна точка на влез за бегалците кои настојуваат да стигнат во Европа, посебно оние од државите разорени од војни како Сирија и Либија.