Противпожарните екипи успеаја да го стават под контрола шумскиот пожар што денеска избувна во турската туристичка област Мармарис во западната провинција Мугли, јави Анадолија.
Пожарот од се уште непозната причина избувнал во шумскиот предел во Турунц, а поради ветерот брзо се проширил и стигнал до објектите.
Противпожарните единици на Подрачното шумско стопанство во Мугла брзо реагираа и при гаснењето на пожарот употребија противпожарни хеликоптери.
Гувернерот на Мугла, Орган Тавли соопшти дека пожарот е ставен под контрола и дека пожарникарите продолжуваат со гаснењето на пожарот кој повеќе не се заканува да се прошири.
Тавли рече дека во пожарот нема настрадани.
Пожарот го зафатил и во голема мера го оштетил хотелот на Универзитетот „Ситки Кочман“ во Мугла, а спасувачките екипи навремено ги евакуирале луѓето од зградата. Изгорени се и поголем број автомобили.