Договорот постигнат во средата навечер не е крај на процесот туку почеток на работата. Жосеп Борел ги покани лидерите на Белград и Приштина на нова средба во Брисел, рече портпаролот на ЕУ Петер Стано на денешниот брифинг со медиумите.
По неколкучасовни средби меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина, а само неколку часа пред почетокот на примената на одлуката на косовската влада за казнување на возачите кои не ги пререгистрирале своите автомобили, синоќа во Брисел беше постигнат договор. Србија се обврзува дека нема да издава регистарски таблички со ознаки на градови во Косово, а Приштина да ги прекине натамошните дејствија во врска со пререгистрацијата на возилата.
Тензиите на северот привремено стивнаа, но, како што изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, враќањето на Србите во косовските институции ќе биде можно, но само кога Приштина ќе го исполни вториот услов – формирање Заедница на српски општини.
Враќањето на Србите во тие институции, вели Стано, е едно од основните очекувања на ЕУ, а истото важи и за формирање на Заедницата на српски општини.
„Важно е да се исполнат договорите што постојат, а тоа е пораката што ЕУ постојано ја испраќа и се однесува на двете страни“, рече тој.
Што се однесува до следните чекори во дијалогот, Стано вели дека високиот претставник за надворешна политика наскоро ќе ги покани Вучиќ и Курти на нова средба во Брисел.
Тој додава дека работата ќе продолжи на повеќе нивоа и дека специјалниот претставник Мирослав Лајчак работи многу напорно за да се најде начин да се оди напред.