Србија повторно ќе ја воведува евтината струја секој ден по два часа, како и таа во недела преку целиот ден. Ова го најави министерката за енергетика, Зорана Михајловиќ.
Според неа, со тоа ќе им се помогне на социјално загрозените кои не се во можност да плаќаат скапа струја.
Таа кажа дека останува на сила и ниската тарифа од полноќ до осум часот изутрина.
„Нема да има поскапување на цената на струјата, но тоа не значи дека ќе го чуваме социјалниот мир, туку ќе ја испитаме можноста за поголема наплата на побарувањата за електрична енергија. Не може едни да плаќаат, а други упорно да не плаќаат и сеуште да трошат електирчна енергија. Поради тоа ќе се направи поинаков начин на наплата“, рече таа.
„Идејата е да се направи фазно плаќање на долговите, некои од старите долгови да се отпишат и да се воведе „хумано“ исклучување од струја. Тоа значи дека тие што не можат да ги платат сметките, да им се дозволи да свети една сијалица и да работи една рингла, се додека не ги подмират долговите“, рече српската министерка за енергетика.
На прашањето дали со новата социјална цена е можно ЕПС да остане успешна фирма, министерката одговори потврдно.