Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа ја изрази својата длабока загриженост за подемот и активностите на Златна зора, неонацистичка, расистичка и ксенофобична политичка партија, која е претставена во парламентот на Грција.
Ова стои во изјавата на ЕКРИ во врска со расистичките и ксенофобични политички активности во Грција, објавена по повод светскиот ден на човекови права, jaви дописникот на МИА.
„Оваа партија отворено користи остра и опасна националистичка и антиимиграциска реторика, повикувајќи се на ранливоста на грчката јавност за време на екстремна економска криза во земјата. Членови на Златна зора, систематски извршуваат насилнички дејствија и криминал од омраза, на моменти толерирани од страна на полицијата, против имигранти, политички противници, етнички малцинства и врз оние кои изразуваат загриженост во врска со ситуацијата“, се истакнува во изјавата.
ЕКРИ ги повикува грчките власти да преземат цврста и ефикасна акција за да утврдат дека активностите на Златна Зора не ја прекршуваат слободата и демократскиот политички поредок или правата на поединци.
ЕКРИ признава дека секој има право слободно да се приклучи во политички партии, но оправдано е тие да се забранат или принудно да се затворат ако се работи за партии кои се залагаат за употреба на насилство.
На крајот од изјавата Комисијата потсетува на својата декларација за употреба на расистички, антисемитски и ксенофобични елементи во политичкиот дискурс, усвоена на 17 март 2005 година.
ЕКРИ е тело за човекови права на Советот на Европа, составено од независни експерти, кое ги следи проблемите со расизмот, дискриминацијата врз основа на етничка припадност, државјанство, боја, религија и јазик (расна дискриминација), како и ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата. Ова тело постојано подготвува извештаи и праќа препораки до земјите членки.