Сопругата на 61-годишниот државјанин на Србија, кој беше повреден откако за време на лет на „Рајанер“ од Солун пукнал прозорец на авионот, ги опиша драматичните моменти во кои таа, една сопатничка и уште еден патник го држеле за да не биде исфрлен од леталото, пренесува грчката телевизија „Мега“.
Мажот се наоѓа во болница и се опоравува од повредите и шокот. Неговиот идентитет не е објавен, а грчките медиуми ја објавија неговата фотографија. Неговата сопруга, чиј идентитет исто така не е објавен, во емисијата „Live News“ на грчката телевизија „Мега“ раскажа што се случило во авионот.
„Сè се случи за дел од секунда“
„Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи за дел од секунда. Прозорецот пукна за време на летот и поради разликата во притисокот половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Низ кабината почна да лета сè. Паднаа кислородните маски, а никој не знаеше што да направи. Сите плачеа“, изјавила неговата сопруга за грчката телевизија.
Според нејзините зборови, најпрво него го држеле таа и нивната сопатничка, а потоа им помогнал и маж кој седел во соседниот ред.
„Ние двете го држевме, а потоа дојде господинот од редот до нас и заедно го влечевме за раката, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот“, раскажала таа.
Го спасил и безбедносниот појас.
Грчките медиуми наведуваат дека мажот бил спасен и благодарение на тоа што бил врзан со безбедносен појас. По инцидентот, авионот ја променил рутата и безбедно слетал во Солун, на аеродромот „Македонија“, по што патниците биле евакуирани.
Повредениот 61-годишник и луѓето кои му помогнале биле пренесени во болница. Од Генералниот конзулат на Србија во Солун претходно потврдија дека лекарите го утврдуваат обемот на неговите повреди и неговата здравствена состојба, но дека не е животно загрозен.
Според грчките медиуми, за време на спуштањето на авионот, дел од оштетениот мотор наводно се откачил и удрил во прозорецот на кабината. Истрагата за инцидентот е во тек.
