Косовската полиција уапси две лица кои упатиле смртни закани кон новинарот Вехби Кајтази, поради тоа што ги нарече криминалци членовите на таканаречената „Кумановска група“, односно косовските државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље.
Во допис до Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК), Кајтази информира дека, по неговата изјава од минатиот понеделник, 13 ноември, во дебатна емисија на ТВ Дукаѓини добил бројни закани, со што сега се бави Одделот за тешки злосторства при Полицијата на Косово.
– Од тој ден добив стотици закани по животот од разни лица. Тие закани се поттикнати и од реакциите на припадници на осудената група, кои слободно пишуваат и се поврзуваат со телевизии. Денеска официјално отворив случај во полицијата против околу 100 лица чии закани се мошне сериозни, се вели во вчерашното писмо на Кајтази до АГК, по што медиумите ја објавија веста за приведувањето на двајца од заканувачите.
Кајтази во понеделникот на ТВ Дукаѓини изјави дека таканаречената „Кумановска група“ се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Северна Македонија. Своите тврдења косовскиот новинар ги поткрепи со, наводно веќе потврдена, информација дека водачите на групата ја извеле акцијата за пари и биле платени со три милиони евра од неименувана македонска служба. Некои од припадниците на групата, според него, воопшто немале идеја во што се впуштаат.
Кајтази исто така рече дека, пред да се случи судирот во Куманово, во Приштина дошол лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните косовски власти, за справување со групата која почнала да оперира во Северна Македонија.
Осум полицајци, припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.
Вкупно 33 обвинети лица добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Случајот моментно е во надлежнот на Врховниот суд на Република Северна Македонија.