Националното собрание на Словенија доцна синоќа го поддржа предлогот за забрана на референдумот за последните измени на Законот за заразни болести, со кои се создава правна рамка за ограничувања во случај на епидемија, откако Уставниот суд ги укина мерките на поранешната власт поради Ковид-19.
Предлогот го поднесоа пратениците од трите владејачки партии, но не го поддржаа сите пратеници од коалицијата, пренесува СТА.
Предлогот беше поддржан со 45 гласа „за“ и ниту еден „против“, бидејќи некои пратеници од редовите на владејачките Социјалдемократи (СД) беа воздржани, како и пратениците на опозицијата.
Забраната за референдумот е воведена врз основа на клаузула во Уставот во која се вели дека не може да се одржи законодавен референдум за закон со кој се отстранува неуставност.
Минатата година Уставниот суд на Словенија го повика парламентот да го измени Законот за заразни болести откако го прогласи за неуставен во делот во кој и дава овластување на владата да воведе ограничувања за движење и собирање.
Со тоа се укинаа владините мерки за ковид засновани на таа одредба.
Амандманите, кои словенечките пратеници ги усвоија на крајот на јуни, се обидуваат да го подобрат законот со ограничување на овластувањата на владата да воведува мерки кои би можеле да ги нарушат основните права на поединците и со давање поголема улога на Националното собрание во нивното усвојување и надзор, информира СТА.
Извор: МИА