Вкупниот износ на субвенциите за електрична енергија во јануари за домаќинствата и бизнисите изнесува 840 милиони евра, износ двојно поголем од декември, рече министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас презентирајќи ги новите мерки за поддршка на граѓаните за месец јануари, јави дописничката на МИА од Атина.
Посочи дека најголем дел од средствата се од оданочувањето на зголемените приходи на компаниите за производство и снабдување со електрична енергија.
За следниот месец, според Скрекас планирани се субвенции за електрична енергија во висина од 470 милиони евра за домаќинствата и бизнисите.
Поконкретно, за потрошувачка до 500 киловат часови за домаќинствата предвидена е субвенција од 330 евра за мегават час; за потрошувачка меѓу 501 и 1.000 киловат часови е 280 евра за мегават час, додека пак за месечна потрошувачка од над 1.001 киловат часови, владината субвенција е 190 евра за мегават час.
За корисниците на природен гас субвенцијата е 20 евра по термички мегават час за сите домаќинства.
Скрекас рече дека денешното соопштение за субвенции за јануарските сметки за струја „следува по историската одлука на Советот на министри за енергетика на ЕУ за справување со енергетската криза“, истакнувајќи дека воведувањето плафон на цените на природниот гас од 180 евра за мегават час „ќе има повеќекратни позитивни ефекти за европските граѓани“ и претставува неопходно решение.
-Доколку овој механизам беше усвоен и спроведен порано, плафонот ќе беше воведен повеќе од 30 дена во годината и ќе имавме заштедено огромни количини на гас, особено минатиот август кога цената на природниот гас надмина 340 евра за мегават час, десет пати повисока од претходните години. Европа, уште еднаш докажа што значи солидарност во критичните моменти, што значи единство, преку надминување на разликите и индивидуалните определби. Дијалогот и преговорите и денес се големото оружје на Обединета Европа за заеднички акции, заеднички одлуки, заеднички политики, истакна Скрекас.
Извор: МИА