Синот на Мирослав Церар можен иден премиер на Словенија

Од:

Три партии кои планираат да ја напуштат или веќе ја напуштиле словенечката владејачка коалиција ќе го предложат за мандатар на новата преодна влада професорот по уставно право Миро Церар, син на некогашниот олимписки и светски првак во гимнастика Мирослав Церар, објавија словенечките медиуми.

Повикувајќи се на неофицијални информации од редовите на Граѓанската листа (ДЛ), која ја напушти Владата на премиерот Јанез Јанша, од Демократската партија на пензионерите (ДеСУС) и од Словенечката народна партија (СЛС), кои планираат да го направат истото, љубљанскиот весник „Дело“ пишува дека тие најверојатно ќе го кандидираат Церар, кога ќе обезбедат доволно пратеници за ново мнозинство во Парламентот.

Досега како можни кандидати на овие три партии за мандатар најчесто се споменуваа поранешниот гувернер на словенечката централна банка Франце Архар и претседателот на индустриската групација „Колектор“ Стојан Петрич.

Имајќи предвид дека Јанша не размислува за оставка поради обвинувањата на антокорупциската комисија, партиите кои ја напуштаат неговата коалиција или веќе го направиле тоа планираат да му предложат на Парламентот изгласување „конструктивна недоверба“ на актуелната Влада.

Таквата можност е предвидена со Уставот на Словенија, под услов партиите кои го бараат тоа за мандатар мораат да предложат личност за која сметаат дека ќе освои мнозинство од гласовите на пратениците.

Би можело да ве интересира

Најниска стапка на наталитет во Словенија од самостојноста во 1991 година

Словенија бара на Израел да му се забрани учество на Евросонг

Се урна мал авион во Словенија, најмалку тројца загинати

Горан Наумовски

Стигна студениот бран во Словенија и Хрватска, падна и снег

ВИДЕО: Силно невреме ја парализираше Словенија

Лизгање на земјиште затрупа неколку куќи во Словенија

Горан Наумовски