Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја повика албанската опозиција да се врати во Парламентот и потврди дека во скоро време ќе ја посети Албанија, јави АТА.
На прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама во Брисел, Шулц рече дека ЕУ треба да почне преговори за пристапување со Албанија во најскоро време во рамки на политиката на задржување на отворените врати кон соседите.
Во одговор на прашањето за политичката ситуација во Албанија, Шулц рече дека сите пратеници треба да соработуваат во албанскиот Парламент, истакнувајќи дека тие се избрани за тоа.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази надеж дека опозицијата ќе се врати во Парламентот. – Ги исполнивме сите законски барања и сме отворени за секаков предлог, рече Рама.
Тој изрази уверување дека Албанија ќе продолжи да ги исполнува стриктно барањата на ЕУ во однос на правната држава и мерките против корупцијата и организираниот криминал.