Пред 12 години во Белград се одржани демонстрациите со кои е срушен режимот на Слободан Милошевиќ.
Демонстрациите избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите за претседател на СР Југославија, на 24-ти септември 2000-та година. Тој на изборите изгуби од кандидатот на ДОС, Воислав Коштуница кој освои 50.24% од гласовите, наспроти Милошевиќ, кој освои 37.15%.
По повеќедневните штрајкови и протести ширум Србија, централните демонстрации се одржани на 5. октомври 2000-та година во Белград, каде на повикот на Демократската опозиција на Србија, предводени од Зоран Ѓинѓиќ се собраа повеќе стотина илјади луѓе.
Демонстрациите во Белград на 5-ти октомври беа кулминација на повеќедневните штрајкови. Градовите во внатрешноста на Србија со денови беа парализирани од протестите.
На 5-ти октомври во Белград, демонстрантите се собраа на платото пред Собранието, пристигнаа во колони автомобили, автобусли и камиони од цела Србија, пробивајќи ги полициските блокади на патиштата.
Околу 15 часот демонстрантите влегоа во зградата на Парламентот. Таа е набрзо демолирана и запалена.
Еден од јунаците на протестот бил и Љубисав Ѓокиќ, попознат како Багеристот Џо, кој со својот багер го предводел нападот на демонстрантите на зградата на РТС.
Полицијата набрзо престана да пружа отпор и им се придружи на демонстрантите. Во вечерните часови, на граѓаните им се обрати новиот претседател Воислав Коштуница, а наредниот ден, на 6-ти октомври Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.
Слободан Милошевиќ почина на 11-ти март 2006-та година од инфаркт, во својата ќелија во притворот на Хашкиот трибунал. Во април 2001-та е уапзен во Белград поради финансиски малверзации, а на 28-ми јуни истата година е предаден на Хаг, каде што му е судено за геноцид во Босна и Херцеговина, воени злосторства и злосторства против човечноста во Хрватска и на Косово.