Британскиот медиум Би-Би-Си објави шокирачка репортажа за злосторствата на грчката ултрадесничарска партија Златна зора. Репортажата е сведоштво на поранешна членка на неонацистичката организација со наслов „Златна зора: Ако прозбориш, жива ќе те запалам“.
Во репортажата се тврди дека кршењето на раце чинело 300 евра, палењето на автомобил 1.000 евра, а претепувањето 1.500 евра.
– Тие носеа палки и синџири, сите стоеја мирно кога влегуваше лидерот и раскажуваа како претепале хомосексуалци или имигранти. Јас не го сакав тоа и престанав да се контактирам со нив. Подоцна бев предупредена ништо да не кажувам за тоа што сум го видела, бидејќи жива ќе ме запалат, истакнува сведокот.
Би-Би-Си се повикува и на пакистански имигрант, кој тврди дека трипати бил прободен од нож од членови на Златна зора, а полицијата ништо не презела. Случајот не бил истражуван бидејќи нападнатиот бил странец.