Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, денеска во Брисел изрази надеж дека наскоро би можело да се постигне нов изборен закон во Босна и Херцеговина.
„Бидејќи јас не сум преговарач, се повикувам на некои од оние кои преговараат, кои се умерени оптимисти и треба да направиме се за тој оптимизам да биде реален“, изјави Шмит по состанокот на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
На состанокот зад затворени врати, Шмит ги информираше членовите на комитетот за ситуацијата во Босна и Херцеговина. Пред него, пред пратениците се обрати и специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер.
Тој рече дека на состанокот со членовите на Комисијата за надворешна политика се разговарало за влијанието на руската агресија врз Украина и опасноста од прелевање на кризата во БиХ и на Западен Балкан.
Преговорите за измените на изборниот закон, кои со месеци се водат со посредство на ЕУ и САД, но се уште не дадоа конкретни резултати, треба да продолжат и во наредните денови. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, в среда пристигнува во БиХ за да ги повика партиите во земјата конечно да се договорат.
Шмит вели дека се надева оти Борел ќе ги охрабри сите што работат на изборниот закон да се договорат бидејќи тоа е исклучително важно.
Извор: МИА