Министрите за надворешни работи на Бенелукс денеска во Сараево потврдија дека нивните земји како членки на Европската унија, силно ја поддржуваат европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Тие нагласија дека по референдумот во Македонија на 30 септември, очекуваат сигнал за целиот регион што ќе го стимулира процесот на европска интеграција.
Шефот на дипломатијата на Белгија, Дидие Рејндерс, на Луксембург Жан Аселборн и холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок пристигнаа во официјална посета на Босна и Херцеговина и се состанаа со министерот за надворешни работи Игор Црнадак и со членовите на Претседателството на БиХ.
Во изјавата за новинарите, белгискиот министер Рејндерс рече дека со посетата ги потврдуваат аспирациите на БиХ да стане членка на ЕУ.
Аселборн нагласи дека за целиот Балкан сега има нова можност.
– Се надеваме дека по референдумот во Македонија на 30 септември ќе биде испратена позитивна порака до целиот регион што ќе помогнеи во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, како и БиХ, која не треба да испушти можност по претстојните избори, рече Аселборн.
Холандскиот министер Блок, исто така, рече дека воспоставувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал би можело да биде клучна задача за БиХ, но предупреди за „националистичката реторика на некои политичари” за кои тој рече дека е проблем.
Министерот Црнадак рече дека тројца негови колеги од Бенелукс во Сараево донесоа силна порака за „цврстата и неповратната” европска иднина на целиот регион.
– И покрај многуте предизвици со кои се соочува ЕУ, имаме неподелена поддршка за европската иднина на тој регион, рече Црнадак.