Шефицата на европската дипломатија во посета на Белград

Од:

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска ќе допатува во Белград, откако вчера престојуваше во посета на Приштина.

Предвидено е Могерини во Белград да се сретне со српскиот претседател Томислав Николиќ, со премиерот Вучиќ и со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Како што јави Танјуг, се очекува главна тема на разговорите на Могерини со највисоките претставници на српските власти да биде текот на дијалогот меѓу Белград и Приштина и имплементацијата на досега постигнатите договори.

Вчера, за време на посетата на Приштина, Могерини изјави дека договорите постигнати во рамките на дијалогот со Белград треба да се применат во пракса.

– Самиот факт дека косовскиот премиер Иса Мустафа има директен контакт со српскиот премиер Александар Вучиќ е позитивен чекор, истакна Могерини на заедничката прес-конференција со Мустафа.

Таа посочи дека и покрај постигнатиот напредок, има уште многу задачи за решавање.

– Примената на договореното е најтешко, наведе Могерини, при тоа додавајќи оти се надева дека дијалогот Белград-Приштина, што се води со посредство на ЕУ, ќе продолжи.

Таа истакна и дека очекува косовскиот Парламент да го одобри формирањете на Специјален суд за воени злосторства во Косово.

Високата претставничка на ЕУ потенцира дека оваа година ќе биде важна за Косово и оти најверојатно Приштина в текот на летото ќе потпише Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Претходно, во интервју за „Коха Диторе“, Могерини оцени дека Косово и Србија се целосно ангажирани за нормализација на односите и оти сега како никогаш порано е многу важно да продолжи дијалогот.

– Ние знаеме дека нормализацијата на односите не може да се постигне преку ноќ, тоа бара време и не е лесно, вели Могерини во интервјуто.

Таа додава дека од самиот почеток на дијалогот има конкретен напредок, истакнувајќи дека сепак има уште многу работа да се направи, особено кога станува збор за целосно спроведување на досега постигнатите договори.

Според неа, решението на проблемот со дијалог и преговори е европски начин и една од целите од разговорот е Приштина и Белград да дојдат што поблиску до Европа.

Могерини вели дека Косово има јасна европска перспектива што е призната и потврдена од ЕУ на највисоко ниво.

– ЕУ дефинира јасни чекори услови и реформи… крајната цел е јасна, Косово прави добар напредок и треба да биде во позиција набрзо да го потпише договорот за стабилизација, додава таа во интервјуто.

Би можело да ве интересира

Боцан-Харченко: Русија ќе ја заштити Србија и Република Српска

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1

Борисов и Петков: Скопје да одлучи – внесување на Бугарите во Уставот или патот кон ЕУ ќе остане затворен