Уште еден Албанец од Балканот е убиен во борбите во Сирија против силите на претседателот Башар ал Асад, јави дописникот на МИА од Тирана.
Откако завчера беше потврдено убиството на Имер Ниметула, алијас Абу Зијат (38) од скопското село Грчец, албанските медиуми денеска јавија за смртта на Халил Малиќај (31) од селото Пруш, кај Тирана.
Во двокатната куќа каде живеат мајка му, сопругата и трите деца, вратите се отворени за сочувство. Малиќај потекнува од селото Армени кај приморскиот град Валона, а од селото Пруш е неговата сопруга, Миѓена, каде што се населил по женидбата, се наведува во веста.
Веста за смртта на Малиќај семејството ја добило од анонимен телефонски повик, во кој машки глас се претставил како другар на убиениот.
Малиќај загинал во експлозија.
Од ноември минатата година, кога во борбите во Сирија беше убиен првиот Албанец, Наман Демоли, од Приштина, до сега во оваа блискоисточна земја животите ги загубија најмалку дваесетина Албанци.
Од вкупно убиени Албанци од Балканот тројца се од Македонија. Во мај годинава беше убиен 28-годишниот Расим Зеќири од гостиварското село Беловишта, кој подолго време живеел во Австрија. Осум месеци пред да биде убиен заминал за Сирија и се борел на страната на „Јабха ал Нусра“ а неодмана беше убиен оџата од Скопје, Сами Абдулаху.