Пливањето во море се покажа фатално за 15-годишно момче на Халкидики. Тинејџерот бил извлечен од водата во несвест и по кратко време била констатирана смрт. Инцидентот се случил околу пладне во Неа Флогита, Халкидики, Грција.
Како што пренесуваат грчките медиуми, роднина на несреќниот тинејџер видела дека тој е со лицето надолу во водата, но прво помислила дека се шегува. По неколку секунди таа му пришла и сфатила дека не се движи. Таа го свртела момчето и видела дека од устата му излегува пена.
Веднаш го извадиле малолетникот од морето и извесно време се обидувале да го оживеат. За неколку минути на местото на настанот пристигнала Итна помош која го однела младиот човек во Здравствениот дом во Мудања, но за жал, му немало спас.
На плажата во тој момент имало и спасител, но неговите обиди да го спаси тинејџерот биле неуспешни. Сè уште не се знае дали е турист и од која земја, како и од што починал.