Почетокот на судењето на таканаречениот Балкански месар, некогашниот воен командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кое започна на 16 мај, не помина без реакции.
За граѓаните на Сараево, за Здруженијата на жртвите од војната, за бегалците од Источна Босна, судењето доаѓа предоцна. Досега, вели Мунира Субашиќ, од Здружението на мајки од Сребреница и Жепа, можеше да биде изречена пресудата.
http://www.youtube.com/watch?v=FGKv9H_Lrck
Претставници на здруженијата велат оти се надеваат дека Младиќ ќе поживее доволно долго, да ја дочека својата пресуда, алудирајќи на Слободан Милошевиќ кој почина, пред да му биде изречена казната. Од друга страна пак, синот на Ратко, Дарко Младиќ, изјави дека се гордее со својот татко, кој само го бранел својот народ.
„Дали е гордост да наредиш убиство на близу 8.000 цивили, само затоа што не биле од српска националност“, прашува јавноста во БиХ.
Обвинението го терети Младиќ за геноцид во безбедносната зона на ООН, Сребреница во 1995 година и неколку други босански општини. Обвинет е и за протерување на Бошњаците и Хрватите од општините под контрола на босанските Срби, за тероризирање на граѓаните на Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски оган и за земање на меѓународни војници како заложници.
Иако Младиќ ги негираше наводите на обвинението, Хашкото обвинителство соопшти дека ќе докаже оти тој е виновен за сѐ што се наведува во обвинението и дека убиставата во Сребреница биле и ќе останат геноцид.
Она што ја потресе јавноста во Босна, беше гестикулацијата на Младиќ, кој гледајќи кон галеријата во судницата, на која седеа претставниците на здруженијата на жртвите од војната, со показалецот помина под својот врат. „Тој јасно ни порача. Ве колев и пак ќе го направам тоа“, изјави Субашиќ.
Сараево, Емица Нијами Налбантиќ