Косовската опозициска партија Движење Самоопределување (ВВ) бара вонредни парламентарни избори и за постигнување на таа цел ќе организира средби со граѓаните во сите градови на Косово за да ги мобилизира за протести за смена на Владата на Рамуш Харадинај и на шефот на државата Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лидерот на партијата, Албин Курти денеска на прес-конференција ги обвини Харадинај и Тачи дека и покрај тоа што имаат различен став кон таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, тие се обединети во нивната корумпираност и ограбувањето на Косово.
Опозицискиот лидер ја нарече владејачката коалиција ПАН, која ја сочинуваат Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократската иницијатива (Нисма), „коалиција на грабежот“.
– Премиерот и претседателот ги дели таксата, но ги обединува корупцијата во Косово. Ние бараме оставки на премиерот и на претседателот, бидејќи корупцијата и грабежот само растат. Од утре започнуваме со активности со граѓаните против „ПАН грабежот“, со цел да се оди на нови избори. За таа цел ќе одиме заедно во граѓански протести и гласање недоверба во Собранието, изјави Курти.
Во однос на таксата за српскиот увоз, тој рече дека таа треба да остане, но оти оваа Влада мора да замине.
За односите меѓу премиерот Харадинај и претседателот Тачи, Курти рече дека, иако имаат сосема спротивни ставови во врска со спорната такса на увозот од Србија и БиХ, тие се обединети во грабежот.
– Крадците кога се на власт и имаат недоразбирања, тие проблеми ги решаваат на тој начин што крадат уште повеќе одошто краделе до тогаш, рече лидерот на ВВ.
Курти рече дека ќе соработува со најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на поранешниот премиер Иса Мустафа, со цел да се обезбедат потребните гласови во Собранието за изгласување недоверба на актуелната Влада.