Во Грција расте загриженоста на нестабилната владина коалиција за недостигот во државните приходи и одолговлекувањето на многубројните реформи во услови кога странските инспектори се подготвуваат да се вратат во Атина, а синдикатите се погласно се противат на мерките за штедење.
Премиерот Андонис Самарас попладне ќе одржи состанок со коалициските партнери, лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос и на Демократската левица Фотис Кувелис, на кој ќе се разговара за повеќе проблеми со кои се соочува грчката Влада.
Повикувајќи се на владини извори, весникот „Катимерини“ пишува дека сериозните доцнења во реформите кај некои министерства го поттикнале премиерот да размислува за реконструкција на Владата, која ќе биде спроведена најверојатно следниот месец, по закажани конгресот на ПАСОК.
Наводно и Венизелос и Кувелис се заинтересирани нивните партии повеќе да бидат вклучени во владиниот Кабинет.
Се уште не е познато кои министри ќе бидат разрешени, додека извори укажуваат дека Самарас не е задоволен од работата на министерствата за здравство, административна реформа, животна средина и правда. Засега се сигурни само позициите на министерот за финансии Јанис Стурнарас и на министерот за јавен ред Никос Дендиас, додека министерот за развој Костис Хаџидакис може да биде сменет од друг функционер да се зајакнат напорите за изнаоѓање на крајно потребните инвестиции.
Двата најголеми синдикати за среда повторно повикаа на 24-часовен штрајк. Но покрај притисокот од синдикатите, грчката Влада се соочува со повеќе загрижувачки економски показатели. Кабинетот на Самарас треба да најде начини за зацврстување на приходот, кој минатиот месец беше седум проценти под буџетската цел, додека придонесите за социјално осигурување се намалени за околу 15 проценти.
Со оглед на тоа што практично нема конкретен напредок во нивото на инвестициите и приватизацијата, се очекува тројката да изврши притисок врз Владата да ги зголеми приходите од даноците и да продолжи со отпуштања во јавниот сектор.