Грција не може да бара од својот народ да прифати дополнителни жестоки мерки за штедење, изјави грчкиот премиер Антонис Самарас, предупредувајќи дека неговата земја заглавена во долговите има пари само до следниот месец.
Во интервју за германскиот весник Handelsblatt, грчкиот премиер Антонис Самарас повторува дека на Грција и’ е неопходно повеќе време за спроведување на длабоките резови коишто ги бараат нејзините меѓународните кредитори, отколку ново инјектирање средства.
„Неопходно ни е повеќе време за фискалното консолидирање, но тоа не значи дека не е потребна нова финансиска помош”, вели Самарас.
Запрашан колку долго Грција може да преживее без следна транша меѓународна помош, Самарас вели „До крајот на ноември. Тогаш касата ќе биде празна”.
„Не можам и нема да негирам. Грција се соочува веројатно со најголемиот свој предизвик”, вели грчкиот премиер во интервјуто за германскиот весник.
Тој ги коментира и нагаѓањата за можното излегување на Грција од европската монетарна унија. „Излегувањето од еврозоната не е опција за Грција. Тоа би претставувало катастрофа”, вели Самарас.