Шест руски транспортни авиони „иљушин 76“ слетаа на српскиот воен аеродром Батајница, во близина на Белград, со руски војници и борбени возила, кои ќе учествуваат во заедничка воена вежба на полигонот Никинци покрај Рума, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Руското Министерство за одбрана најави дека во таа вежба ќе учествуваат повеќе од стотина падобранци од составот на руските воздухопловни десантни сили и српските копнени единици.
Руската агенција „Тас“ пренесе дека тактичката антитерористичка вежба СРЕМ 2014 ќе се одржи во првата половина од ноември.
Воено-поличкиот коментатор Љубодраг Стојадиновиќ изјави дека станува збор за прва заедничка воена вежба на Србија и Русија, но дека од неа не треба да се извлекуваат историски геостратешки заклучоци, туку треба да се гледа во контекст на европска соработка во борба против тероризмот.
Според договорот за воена соработка од ноември 2013 година, планирани се српско-руски воени вежби и за идната година. На почеток на годинава во Србија се одржа заедничка воена вежба на српски, американски, хрватски, бугарски, македонски, романски и азербејџански војници.
Е. Г.