Заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов соопшти дека е утврдено кое конкретно лице го извршило хакерскиот напад врз веб-страниците на бугарската влада во саботата, јави дописникот на МИА од Софија.
Тој рече дека лицето не е во Бугарија, туку на територијата на Русија. Сарафов коментира дека е познато името и адресата на лицето кое се наоѓа на територијата на Руската Федерација. Тој додаде дека претстојат дејствија за правна помош во врска со истрагата на бугарските власти.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека во саботата владините веб-страници станаа предмет на хакерски напад од градот Магнитогорск во Русија. Главниот обвинител на Бугарија на вонредна прес-конференција коментираше дека на случајот работат Државната агенција за национална безбедност, Генералниот директорат за борба против организиран криминал, како и специјално создадениот оддел за „Сајбер криминал“.
Извор: МИА