Комесарката за правда на Европската унија, Вивиен Рединг, денеска ги повика бугарските политичари да престанат да се караат и да ја завршат политичката криза што ја зафати земјата по 40-дневните протести.
-Престанете со политичките кавги! Ова е пораката што ја испраќам до двете големи политички партии, рече Рединг пред новинарите, по жолчната двочасовна дебата во Софија.
“Кога земјата е во неволја, а се чини дека во оваа земја постојат проблеми што треба да се решат, политичките партии треба да заборават на своите несогласувања“, нагласи таа.
Рединг додаде дека партиите мораат да „седнат заедно и да ги исполнат своите обврски да ги решаваат проблемите, а не да создаваат дополнителни, пренесе Танјуг.
Илјадници Бугари од 14 јуни секоја вечер излегуваат на улиците во знак на протест заради корупцијата и сиромаштијата, повикувајќи ја владата на премиерот Пламен Орешарски, предводена од социјалистите, да поднесе оставка.