Од почетокот на изборната кампања во Бугарија, до 15 часот денеска (по локално време), Министерството за внатрешни работи добило вкупно 982 претставки за кршење на изборното законодавство и политичките права на граѓаните, соопшти бугарскоро МВР.
Во споредба со податоците во исто време на парламентарните избори во април, има зголемување од 83 отсто на регистрираните претставки.
Изготвени се 9.936 протоколи за предупредување, што претставува зголемување за 539 отсто од претходните избори.
Заклучно со 16 часот, девет лица се обвинети за купување гласови, и има 76 предистражни постапки за изборни прекршоци, соопшти Обвинителството на Бугарија.
Бројките се дадени по информации на граѓани и Министерството за внатрешни работи и содржат податоци и докази за нудење имотна корист за гласање за одреден кандидат, политичка партија или коалиција.
Засега нема извештаи за сериозно нарушување на јавниот ред и мир.
Изборната активност на предвремените избори за Парламентот е 24,8 отсто до 15 часот по локално време.
Досега има официјални информации од Изборната комисија дека до 11 часот гласале 11,96 отсто од лицата со право на глас. Најголема активност има во Враца (16,22 отсто), а најниска во Пловдив (5,58 отсто).