Реакции во Грција за усмртување на шимпанзо кое побегна од Зоолошката градина во Атина

Од:

Усмртувањето на 27- годишното шимпанзо откако побегна од Зоолошката градина што се наоѓа во предградие во близина на Атина, предизвика низа реакции во Грција, меѓу кои и мирен протест, како и барање од заменик-министерот за животна средина за целосно расчистување на случајот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во саботата наутро, кусо пред 10 часот вработените забележале дека „alpha male“ шимпанзото Базу побегнало по инцидент со другите шимпанза и успеало да излезе од самата зоолошка и да стигне до паркингот пред влезот.

Како што соопштија од „Атика зоолошката градина“ веднаш бил активиран безбедносниот протокол, била известена полицијата, евакуирани посетителите, а шимпанзото било одведено во изолиран простор каде што во присуство на ветеринар било оценето дека е неопходно усмртување.

Објаснија дека нивото на адреналин било на особено високо ниво и затоа не се земала предвид опцијата да му се дадат седативи, бидејќи кај животни во мирна состојба делуваат за пет до десет минути, а во конкретниот случај ќе биле потребни и до 20 минути.

Заменик-министерот за животна средина и енергија на Грција Јоргос Амирас преку писмо до Зоолошката градина и периферијата Атика бара целосно расчистување на случајот, како и проверка на условите под кои работи зоолошката.

Армирас бара да биде информиран за потеклото на конкретните животни, за нивното меѓусебно влијание за соодветноста на просторите, за безбедност на посетителите во екстремни случаи на бегство, како и за безбедносниот протокол што предвидува убивање на животното.

Дополнително, надлежните служби од Министерството ќе испратат експертски тим во зоолошката за да се проверат сите законски документи за поседување на дивите животни.

Сопственикот на „Атика зоолошката градина“ Жан Жак Лесуер за грчките медиуми објасни дека нивен приоритет е заштита на вработените и посетителите и затоа била донесена одлуката шимпанзото да биде усмртено.

Додаде дека постојат меѓународни протоколи за справување со вакви ситуации и шимпанзата се први на листата на опасни животни во случај на бегство

-За нас во „Атика зоолошката градина“ тоа што се случи со Базу е трагично. Правиме истрага за да сфатме како животното избегало од делот со шимпанзата, бидејќи има три реда електрична ограда и ров со вода. Се проценува дека бил дивјачки нападнат од група од седум други шимпанза, објасни Лесуер.

Останува енигма како шимпанзото успеало не само да го напушти просторот, туку и да излезе од зоолошката и да стигне до паркингот, а самиот парк е на голема површина.

Ова не е првпат од атинската зоолошка да побегнат животни и да бидат убиени со оглед на тоа дека пред четири години, побегнаа два јагуари додека во зоолошката имаше посетители и тогаш, како и сега беше активиран безбедносниот протокол и животните беа убиени.

На крајот од јануари снежната бура што ја зафати Атина, предизвика материјална штета во Зоолошката градина и побегнаа 32 птици од загрозени видови.

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната