Многу реакции, но и многу дилеми по победата на Томислав Николиќ во претседателската трка во Србија.
Честитки и од неговиот противник Тадиќ, и од меѓународната заедница. За дел од медиумите и аналитичарите, во Србија се случи „изборен земјотрес“.
„Асошијејтед прес“ објави дека „националистичкиот кандидат победи во Србија“.
„Франс прес“ ја пренесува изјавата на Николиќ, дека нема да го менува европскиот курс, но нема Србија во Унијата да влегува по секоја цена.
Медиумите во Приштина, без коментари само кратко известија дека победил Николиќ.
Со изборот се отвора и тешкиот процес за формирање на нова влада.
Новиот претседател, според Уставот, за мандатар треба да го предложи оној кандидат кој може да обезбеди мнозинство за избор на новата српска влада, но не предвидел и рок во кој треба да го даде мандатот.
Предвидено е Парламентот најдоцна во рок од 90 дена да избере нов владин кабинет, во спротивно Собранието се распушта и повторно се оди на избори.
Со оглед на резултатите од парламентарните избори, составот на новата влада, премиерот, и можните коалиции сепак е неизвесен. Тадиќ, веднаш по признавањето на поразот, јасно кажа дека нема да биде премиер.
Во биографијата на новоизбраниот претседател Томислав Николиќ, е запишано дека е роден во 1952 година, во Крагуевац, во хороскоп е водолија, дека е магистер-економист и дека ова му е четврта кандидатура, и четвртиот пат успеа да стане претседател на Србија.
Партиски прв пат се ангажирал во Народната радикална странка, и на негова иницијатива доаѓа до соединување со месните одбори на Српското четничко движење на Шешељ и формирање на Српската радикална странка. Шешељ е избран за претседател , а Николиќ за потпретседател.
2008 поднесува оставка на сите функции во Српската радикална странка, и ја формира Српската напредна странка.
Николиќ од 1992 е пратеник во Српското собрание, и е единствен со мандат во сите свикувања на Парламентот. Бил и потпретседател на Владата на Србија.