Расистичките злосторства кои стануваат побројни во Грција не смеат да останат неказнети, смета Комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Мужниекс, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Според Комесарот потребно е полицајците, судиите и обвинителите да добро го познаваат и го спроведуваат законодавството кое е на сила против расизмот, посебно Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расистичка дискриминација.
Изјавата на Нилс Мужниекс доаѓа на крајот од неговата петдневна посета на Грција. Според информациите меѓу октомври 2011 и декември 2012 имало над 200 расистички напади, регистрирани од мрежата за следење на расистичкото насилство, раководена од ХЦР и Националната комисија за човекови права.
Тоа е само видливиот дел. Смртта на еден млад пакистански работник, убиен со убоди од нож пред петнаесет дена во Атина од две лица (од кои едното е поврзано со неонацистичката партија „Златна зора“) со право ги растревожи властите и ја засили нивната определба да се борат за искоренување на злото на расистичките злосторства и другите дела мотивирани од омразата против една група, стои во соопштението на Мужниекс.
Бројни политички раководители од Грција сега сфаќаат дека има потреба од остра осуда и спречување на сите оние лица и организации кои можат да предизвикаат штета со нивниот говор на омраза или пак извршуваат дела инспирирани од омразата. Го поздравувам формирањето во рамките на полицијата на 70 единици за борба против расизмот, исто како и назначувањето во Атина на еден специјализиран обвинител во гонењето на лицата кои направиле расистички акти, вели меѓу другото Нилс Мужниекс.
Тој на крајот од своето сопштение смета дека сега на Грција и се потребни како никогаш досега структури за промоција и заштита на човековите права.