Знаете дека сум социјалист, не сме во иста политичка група, но не кријам дека за мене сте најдобриот грчки премиер, му порача албанскиот премиер Еди Рама на премиерот на Грција,Кирјакос Мицотакис, на почетокот од нивната синоќешна средба во Тирана, јави дописничката на МИА од Атина.
По вчерашното интервју за Евроактив објавено под наслов: „Рама: Грција измами за да се интегрира во ЕУ“, албанскиот премиер се осврна и на оваа изјава изразувајќи жалење и рече дека во секој случај не е нешто што се однесува на денешна Грција.
-Жал ми е за нешто што го слушнав за мене, дека јас кажав некои чудни работи за Грција, за тоа како постигна некои работи, можеби ќе се вратиме во времето на Троја, но тоа не е нешто што се однесува на сега и во никој случај не се однесува на денешна Грција. Знаете дека сум социјалист, но не кријам дека за мене сте најдобриот грчки премиер. Не сме во иста политичка група. Алексис (Ципрас) е многу добар пријател, но што да кажам? Вака стојат работите. И не си во предизборна кампања, значи не е некакво мешање, рече Рама.
На почетокот на средбата, албанскиот премиер се осврна и на откажаната, поради лоши временски услови, посета на Мицотакис, планирана за денеска, во деловите на Албанија каде што живее грчко малцинство, изразувајќи надеж дека грчкиот премиер ќе најде време заедно да го посетат малцинството.
-Многу го цениме и работевме напорно за да го зачуваме ова традиционално братство меѓу албанскиот и грчкиот народ. Ви испратив видео директно од состанокот кога отидов таму и им реков што сакате да направиме за вас? Рекоа тоа и тоа или едноставмо донесете го Кирјакос Мицотакис овде. Па така, ако дојдете, ни помагате да заштедиме многу пари од нашиот буџет, истакна Рама.
Мицотакис одговори дека веројатно треба да се направат и двете работи што ги побарале припадниците на грчкото малцинство.
-Жал ми е што нема да можам да го посетам малцинството поради загриженоста што ја изразија нашите пилоти за временските услови. Но, можеби ова ќе ни даде шанса да одиме заедно наскоро, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер уште еднаш ја повтори поддршката на Атина за европската перспектива на регионот и изрази задоволство што Самитот ЕУ- Западен Балкан се одржа во Тирана, бидејќи е важно „европските пријатели да имаат можност да го видат напредокот што го постигна Албанија“.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Мицотакис, двајцата премиери размениле мислења за сите аспекти на билатералните односи, биле разгледани начините за дополнително зајакнување, а станало збор и за прашањето за одредување на морските зони за кое двете земји ќе се обратат до Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Извор: МИА