Одлуката за изградба на трет мост на реката Дунав меѓу Бугарија и Романија од септември, донесена од бугарското Министерство за транспорт и врски и романското Министерство за транспорт и инфраструктура и продолжување на работата на преостанатите проекти за поврзување преку нови мостови се важни чекори кон подобрување на економското опкружување во Југоисточна Европа, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев на работна средба со премиерот на Романија Николае Чука.
– Проширувањето на поврзувањето во различни сфери меѓу Бугарија и Романија, вклучително и заедничките напори за одржување на пловидбата по реката Дунав, ќе ги охрабри инвеститорите и е важно за економската размена на целиот регион, рече Радев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие разговарале пред церемонијата на пуштање во употреба на меѓусистемската гасна врска Грција-Бугарија. Во 2021 година билатералната трговија ќе достигне 6,5 милијарди евра и, според шефот на државата, тоа не го исцрпува потенцијалот на економското партнерство меѓу Бугарија и Романија. Заеднички став беше дека пристапувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната е чекор кон зајакнување на регионалната безбедност и стабилност.