Водечката формација во бугарската влада „Продолжуваме со промените“, која победи на парламентарните избори на 14 ноември 2021 година, утре ќе одржи конститутивна седница во Пловдив и ќе стане политичка партија, јави дописникот на МИА од Софија.
За копретседавачи на Основачкото собрание се очекува да бидат избрани премиерот на Бугарија Кирил Петков и вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев. Партијата нема да има партиски лидер.
Во конститутивната декларација, која веќе е објавена на веб-страницата на „Продолжуваме со промените“, се вели дека „за Бугарија е дојден моментот кога промените треба да продолжат, бидејќи времето на злосторствата, беззаконието, кражбите и корупцијата не лишува од праведен и достоинствен начин на живот“.
Меѓу главните цели поставени од бугарската владејачка партија се нулта толеранција за корупција, овластување независни, компетентни и чесни луѓе да управуваат со земјата и обезбедување достоинствен живот за бугарските пензионери и ранливите социјални групи за да нема Бугари под прагот на сиромаштијата.
Извор: МИА