Албанскиот министер за надворешни работи Едмонд Панарити изјави дека откажувањето на посетата на Тирана од страна на шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос е „наивна реакција“ и го повика „да не биде жртва на националистичка реторика“.
Портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас веднаш реагираше на ваквата изјава и рече дека „Панарити е во право кога вели дека е ирационално и наивно кога некој зборува за територијални претензии на Албанија кон Грција“.
– Всушност, албанскиот министер за надворешни работи јавно му дава препораки на неговиот премиер, кој, слушајќи ги сирените за национализам, зборуваше за албанска територија од Превеза до Прешево и покрај тоа што потоа ја повлече, додаде Делавекурас.
Како што јави дописникот на МИА од Атина се почна кога минатата недела албанскиот премиер Сали Бериша на централната прослава во Валона по повод 100-годишнината од независноста на Албанија, зборуваше за „независност на сите албански територии, од Превеза до Прешево, од Скопје до Подгорица“.
По изјавата на Бериша, Аврамопулос ја откажа посетата на Тирана и истакна дека таквите изјави не придонесуваат за создавање на клима на пријателство, доверба и добрососедски односи меѓу двете земји, ниту придонесуваат за развој на заеднички иницијативи од взаемен интерес.
Веќе утредента портпаролката на Бериша рече дека изјавата се однесувала на „историски контекст“ кој постоел пред 100 години и не содржела никакви територијални претензии кон соседите на Албанија на југ, север или исток.
Аврамопулос вчера во Брисел имал куса средба со Панарити кој пошироко му ја објаснил контроверзната изјава на Бериша. Шефот на грчката дипломатија истакнал дека таквите коментари претставуваат пречка за билатералните односи и го доведуваат во прашање почитувањето на европските принципи и вредности од стана на Албанија.
Аврамопулос исто така изјавил дека ќе биде најдобро таквите изјави да се избегнуваат иако е очигледно дека се под влијание на домашната политичка атмосфера во Албанија.