Давор Мацура, бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС) и сопственик на Алта банка, на која ѝ беше одземена дозволата за работа и беше отворена стечајна постапка, бил приведен ноќеска, дознава „Нова.рс“.
Полицијата претходно повеќе од 30 часа ги пребарувала просториите на Алта банка, откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија во саботата рано наутро ѝ ја одзеде дозволата за работа и прогласи стечај.
Извршниот одбор на Народната банка на Србија извести дека ја донел одлуката по контролите со кои било утврдено значително влошување на финансиската состојба на Алта банка. Била утврдена и опасност од натамошно влошување на ликвидноста, со што биле загрозени интересите на штедачите.
Од НБС соопштија дека пред одземањето на дозволата спроведувале контролни активности со цел да обезбедат зголемување на ликвидноста на банката. Одлуката ја образложиле со потребата од заштита на штедачите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем.
Меѓу најголемите клиенти беа Електростопанството на Србија (ЕПС), преку кое се вршат сите плаќања за електрична енергија, белградскиот „Паркинг сервис“ и Автомото-сојузот на Србија.
Непосредно пред Централната банка да ѝ ја одземе дозволата за работа, сестринската компанија „Алта пеј“ иако имала сопствен платен промет и сметки во самата Алта банка, ги извести деловните партнери дека отсега сите уплати треба да ги вршат преку нејзините сметки во Поштенската штедилница и ОТП банка. На тој начин компанијата практично ја заобиколи сопствената матична банка непосредно пред нејзиниот колапс.
Давор Мацура ја започна кариерата како сопственик на локални менувачници и изгради огромна деловна империја и стана еден од најбогатите луѓе во Србија.
Неговиот деловен подем неодамна го достигнал врвот со преземањето на трговските синџири „ИДЕА“, „Рода“ и „Меркатор“, како и вкупно пет компании во сопственост на хрватската „Фортенова група“.
