Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани изрази загриженост во врска со идејата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за враќање на смртната казна во Турција.
– Многу сум загрижен од можноста за одржување референдум по прашањето за смртната казна во Турција, напиша Тајани денеска на Твитер.
Во Турција вчера се одржа референдум за проширување на претседателските овластувања, на кој предложената уставна реформа ја поддржаа над 51 отсто од гласачите.
Откако беа познати првичните резултати од гласањето, Ердоган повторно изјави синоќа дека планира да организира референдум и за враќање на егзекуцијата во турскиот кривичен закон.
Идејата за враќање на смртната казна се актуелизира по неуспешниот обид за државен удар во Турција во јули минатата година. Ердоган неколку пати истакна дека е подготвен да потпише закон за враќање на смртната казна доколку документот биде ратификуван од Парламентот.